14 March 2012

ХУМАНИТАРЦИТЕ СТИГНАА И ВО ЗАШЛЕ


Долг и тешкопрооден пат требаше да изоди и совлада тимот хуманитарци предводен од грдоначалникот Тони Ангелевски за да стигне до селото Зашле. И покрај големата неизвесност, заради високите снежни наноси на одделни места, дали ќе се стигне до селото, сепак благодарение на дополнителното ангажирање на теренското возило на противпожарната единица, помошта беше дистрибуирана до Зашлечкото средсело. На одделни места, хуманитарците беа принудени и пешки да изодат повеќе стотици метри од патот со се уште дебела снежна покривка, но и рачно да го расчистуваат напластениот снег.

По околу 2 часа патување низ беспаќа, екипата млади хуманитарци од средното училиште, на средсело беше пречекана од неколку жители на селото, главно повозрасни и постари лица. Градоначалникот Ангелевски и секретарот на општинскиот црвен крст Најденковски, а во соработка со регионлната канцеларија на ЦУК Љубе Николовски, предадоа хуманитарна помош во пакети храна, хигиенски средства и кебиња. Беа опслужени 8 семејства со по 2 пакети и 2 кебиња.

Инаку селото Зашле се наоѓа на надморска височина од над 1200 метри и е најоддалеченото место од општинскиот центар Демир Хисар. 30 километарски пат води до селото, меѓутоа заради планинската конфигурација на теренот, на одделни места, во зимски услови патот е многу тешко прооден дури и за тешка механизација. Тоа особено се покажа оваа зима кога тешките машини што ги ангажира општината не успеваа да го исчистат снегот за уште околу стотина метри пред селото. Во селото живеат триесетина жители.

Демирхисарските хуманитарци предводени од градоначалникот Ангелевски изминативе дваестина дена организираа и други акции во селата Радово, Мренога, Жван, Обедник, Суводол и Граиште.

No comments: