31 March 2012

Новинарите „пропеаја“

Многумина очекуваа лустрацијата да ги натера новинарите да „пропеат“ и да откријат дали соработувале со тајните служби, но за жал на сеирџиите Уставниот суд ја сопре ваквата процедура. Сепак, 14 храбри претставници на седмата сила синоќа во Универзална сала решија да отворат уста. Не, овие новинари не ја шокираа македонската јавност со откривање мрачни политички тајни, тие буквално пропеаја во живо. 
„Професионалната“ маана да се затскриваат некои работи, секако беше прикажана синоќа – едните целосно се разоткрија и покажаа дека имаат гласовни способности да бидат пејачи, а другите кои пеењето не им е јака страна, ги замаскираа своите недостатоци со добра кореографија, секси облека, па дури и со голотија. Сепак и во светот на музичката индустрија, оние со најдобар глас не секогаш се и најславни и најплатени. 

Новинарите- пејачи дадоа се од себе и рамките на своите можности и одлично си ја одработија задачата. Сепак, дел од публиката во Универзалната сала и пред малите екрани, остана со подзинати усти, па своето незадоволство го изрази по социјалните мрежи. Главната причина за ова веројатно лежи во фактот што организаторот најавуваше грандиозна манифестација и феноменална забава, но понуденото беше далеку од најавуваното. 
Уште од самиот почеток организирањето беше проследено со скандали – една од телевизиите наводно јавно ја исплука манифестацијата, а причината за ваквото нешто наводно бил фактот што не го добила ексклузивното право за директен пренос. Бендот кој требаше да ги прати новинарите на сцена се смени поради нетрпеливост на еден од музичарите со една од водителките на манифестацијата. Ова си имаше свои последици – се намали бројот на пробите, кои и тоа како им се потребни имајќи предвид дека станува збор за нешколувани музички гласови. Еден од новинарите- пејачи во последен момент го откажа својот настап, наводно поради некој од учесниците во ревијалниот дел. Спорен момент исто така беше и начинот на избирање на победникот. „Стручно жири“, во кое поголемиот дел беа неискусни пејачи, имаше најмногу гласови, дел од публиката во Универзална сала не добила ливче за гласање, а гледачите пред малите екрани требаа на слепо да гласаат уште пред пејачите да испеат, небаре се гатачи кои фрлаат на гравчиња па знаат кој како пее и каков настап ќе има.

Организаторот исто така покажа колкав е респектот кој својата фела. Новинарите кои беа акредитирани да го следат настанот мораа да се снаоѓаат каде ќе седнат, затоа што за нив не беа предвидени места за седење. Ова веројатно се очекува од било кој друг организатор, но не и од некој кој е од новинарските води. Капак на се беше изведбата на песната „Фупе фупе“, која ја деградира новинарската професија, ја покажува огорченоста и егоцентричноста на некои новинари, удирајќи по приватните животи на своите колеги. Публиката во Универзална сала го „поздрави“ овој скандалозен настап со блед аплауз. 
Можеби следната година, организаторот наместо со фанфари да најавува спектакли, ќе ја загрее столицата и ќе се ја сработи задачата како што треба, а тогаш новинарите веројатно во уште поголем број ќе ја покажат својата музичка страна и ќе застанат на сцената да ја забавуваат публиката.
Фотограф: Александар Пешев

No comments: