31 March 2012

Како Охрид ќе го пречека најбогатиот човек на светот Карлос Слим?

Охрид го пречекува најбогатиот човек во светот. Мексиканецот Карлос Слим викендов ќе престојува во хотелот Инекс Горица.



За него е подготвен еден од најлуксузните апартмани во стариот дел на објектот со поглед на езеро и посебен влез.

Милијардерот немал листа со посебна листа барања, делувал како едноставен човек, но тим од неговите соработници деновиве биле во Охрид да ги направат подготовките за пријатен престој.

Гостинот ќе биде послужен со македонска автентична храна. Десетина врвни готвачи ќе подготвуваат специјалитети меѓу кои „карпачо“ од телешко месо, риба и слично. Мексиканецот ќе проба македонско вино и охридска торта.

Карлос Слим со сопствениот авион се очекува да допатува во земјава. Тој ќе учествува на ИТ конференцијата што од утре до понеделник ќе се одржува во Охрид.

Од меѓународната унија за телекомуникации засега не соопштуваат детали околу престојот на Слим во Охрид. Не се знае ниту точно кога ќе пристигне во Охрид.
Немал посебни барања, но од хотелот велат дека се подготвени да одговорат на неговите потреби.

Конференцијата според реномето на учесниците, е една од највисоко рангираните. На неа ќе присуствуваат извршните директори на најголемите светски компании кои се двигатели на информатичкото општество.

Министерот очекува Слим да биде заинтересиран за инвестиции во земјава.

- Очекуваме дека дел од проектите кои што ќе ги презентираме се од особен интерес во секторот кој Слим го води. Се надеваме дека ќе бидат интересни за него и ќе оствариме деловна соработка и ќе инвестира во Македонија, вели Иво Иваноски министер за информатичко општество.

Седумдесет и двегодишниот Слим според магазинот Форбс е најбогатиот човек на светот. Неговото богатство, проценето на 69 милајрди евра го стекнал во секторот на телекомуникациите, трговијата, финансиите, суровините и енергетиката.
Стотина полициски службеници викендов ќе се грижат за безбедноста на високите гостите во Охрид.

No comments: