По повод големиот христијански празник Воскресение Христово Велигден, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски вечерва ќе присуствува на свечената полноќна Велигденска литургија во Соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово, информираат од владиниот Сектор за односи со јавноста.

Премиерот Груевски денеска испрати честитка до сите православни верници на кои им го честита големиот христијански празник.
-Денес сите ние се издигнуваме над искушенијата, го славиме спасението и богоугодниот пат, пред невредностите. Нека секоја христијанска душа во овие моменти се потсети на праведноста, љубењето на ближниот и ја пронајде среќата во секоја подарена насмевка, подадена рака и спокоен збор. Во исто време, да си посакаме од нашиот Бог, да ни помогне и да не насочи и поучи во сите наши искушенија. Ние сме народ кој знае да го чествува Велигден и сите наши празници, како што знае и да се справува со предизвици. На овој спасоносен ден, да посакаме Бог да ни дарува сили за нови успеси, да истраеме во искушенијата, да го зачуваме духовниот мир и националното достоинство, зашто така ни доликува како на богољубив и човекољубив народ, да покажеме единство во верата, единство во државата, да си се почитуваме себеси, да ги почитуваме нашите роднини и пријатели, да ги почитуваме нашите соседи и сограѓани, да си ја сакаме и да работиме за изградба на силна и модерна Македонија. Нека ни е честит Велигден и за многу години! Христос Воскресна - Навистина Воскресна!, се вели во честитката од премиерот Груевски упатена до поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и до православните верници.
No comments:
Post a Comment