Немаше македонско срце кое не почувствува болка по веста за трагичната вест за смртта на петте млади животи.

Македонија беше во шок и во болка. Граѓани од сите генерации ја симнаа главата пред веста која не потресе сите.
Но, нема да излезам на ниту еден од најавените протести. Затоа што така нема да ги вратам ниту нив, ниту ќе ја намалам болката, ниту ќе ги најдам јас виновниците. Протестирам против неправдата, во себе, чекајќи одговори. А одговорите нема да ги најдам пред Влада, ниту на било кое место каде би протестирала. Бесна сум во себе и постојано ги гледам сликите на момчињата, безгрешни и млади, неправедно запрени на животниот пат.
Ме обвинија дека не сум сплотена со народот, со неправдата, затоа што не сакам да протестирам. А јас не тажам за некој да види дека сум во тага. Не глумам сочувство, туку чувствувам. Мене никој не треба да види дека ми е тешко.
Нема да протестирам затоа што ја немам моќта на институциите. Ама од нив ќе чекам одговори.
Нема да излезам на протест затоа што немам барање.
Нема да бидам бројка на некој кому протестот ќе му одговара.
Одбивам да бидам дел од групата која не знае за што протестира.
Но, ќе отидам пред Соборниот храм на молитвен протест.
Таму високи свештеници на МПЦ ке одржат Миса и Молитва за успокој на Петте Македонски чеда . Таму ќе бидат родителите на жртвите. И таму ќе почне хуманитарна акција за помош на семејствата. Таму сум потребна, таму ќе бидам.
Ќе ја задржам болката, неверувањето и шокот кој ни го направи овој Велигден, најтажен од сите.
И ќе се прашувам ЗОШТО?
И.Цветановска
No comments:
Post a Comment