13 April 2012

Агонијата на „Ренџерс“ ќе потрае?!


Клубот пред некој месец прогласи стечај и загуби десет бодови, со што практично без битка му ја врачи титулата на лутиот ривал Селтик.
Таборот од Ајброкс сега се соочува и со потенцијална ликвидација, по која што би можел да биде заведен во регистарот како нова компанија. Промените на правилата кои се подготвуваат во шкотската лига, би можеле да значат дека следните две сезони екипата ќе ги започне со -10 бодови на своето конто.
Доколку на 30-ти април бидат усвоени новите финансиски прописи во лигата, казната за екипата која прогласува стечај би пораснала од 10 на 15 (или на третина од вкупниот ефект на тимот во претходната година) бодови, додека екипата која без проблеми би се извлекла од банкрот, двете следни првенства би ги почнувала со 10 бода помалку од конкурентите.
Во постојните услови кои владеат во Шкотска, ова речиси сигурно би значело долгогодишна тотална доминација на Селтик, клубот кој оваа година насловот го прослави на месец и половина пред крајот на сезоната.
Во моментов, „Ренџерс“ очајно бараат нов сопственик, меѓутоа најавените новини го загрозија и тој процес.
Финансиските проблеми за тимот од Глазгов влечат корени уште од деведесетите години на минатиот век, кога „Ренџерите“ трошеле многу повеќе од нивните можности, во походот на деветте врзани титули.
Значаен дел од маките им се „благодарение“ и на долгогодишната статус-кво ситуација во шкотскиот фудбалски шампионат. Тоталниот монопол на ривалите од „Олд Фирм“ и се понискиот стандард на играчи кои настапуваат за нив, ја направија тамошната Премиер лига неинтересна за публиката и за спонзорите.
Од друга страна, платите на фудбалерите на „Ренџерс“ со години се превисоки, а лошите резултати во континенталните конкуренции ги спречија двата шкотски претставника преку Лигата шампионите и преку Европа лигата да дојдат до средства неопходни за нормално функционирање.
Проблемот кулминираше оваа зима, а преостанатото ќе биде историја на која навивачите на „полицајците“ нема да сакаат да се сеќаваат.

No comments: