Македонската ракометна репрезентација доживеа пораз од 28:26 од Унгарија во првиот натпревар од олимпискиот квалификациски турнир во Гетеборг.

Македонската ракометна репрезентација е поразена на првиот натпревар од турнирот во Гетеборг. Унгарија славеше со 28:26, натпревар кој беше неизвесен до последните неколку секунди од натпреварот.
Противникот не беше подобар од нас, туку вината за овој пораз треба да ја бараме во нашата игра бидејќи направивме многу грешки кои на крајот скапо ги плативме. Во првото полувреме на неколку наврати имавме играч повеќе, но наместо да постигнеме гол, нашата мрежа се тресеше.
Македонија одлично го започна овој натпревар, имавме водство, резултатот беше во наша корист, а најголемата разлика ја имавме во 18-тата минута која изнесуваше три гола. Токму по ова, односно до крајот на првиот дел нашите ракометари правеа грешки, Унгарија го казнуваше тоа, а нам не ни помогнаа ниту неколкуте исклучувања на противничките играчи.
Откако поведовме со 10:7 по 18 минути игра, до крајот на првиот дел постигнавме само три гола, додека противникот осум пати ја затресе мрежата на Ристовски за на паузата да се замине со 15:13.
Во вториот дел нашата игра се подобри, но не успеавме да го вратиме резултатот во наша корист. Најблиску бевме во 52-та минута кога благодарејќи на трите гола во низа на Златко Мојсоски стигнавме до еден негатива, но потоа повторно следуваше ефикасност на Унгарците.
Во последната минута Унгарците погодија со играч помалку, на спротивната страна Миркуловски не реализираше и натпреварот беше решен, конечни 28:26 за противникот.
Најефикасен на мечот беше нашиот Кире Лазаров со 7 погодоци, а веднаш зад него беа Наумче Мојсоски со 6 и Златко Мојсоски со 4 погодоци. Кај Унгарија најефикасни беа Часар и Перез со по шест гола.
Ристовски имаше 12 одбрани, додека голманот на Унгарија, Фазекаш 11, но се чини ги одбрани клучните удари кон неговиот гол.
Покрај поразот не е се загубено. Македонија утре игра против домаќинот Шведска, а евентуална победа не враќа во игра за Олимписките игри.
No comments:
Post a Comment