10 April 2012

Бродот што плови по трасата на „Титаник“ кон Њујорк налета на тешко невреме


Британскиот прекуокеански брод „Балморал“, што плови по трасата на „Титаник“, пред неговото потонување во северниот Атлантик, пред сто години, налета на силно невреме во водите на Ирско Море. 




Мошне силните ветрови и брановите, што достигнуваа и до десет метри, предизвикаа тешкотии за пловењето на „Балморал“, кој е поголем и помоќен од својот неславен претходник, па капетанот на бродот им наредил на членовите на екипажот, да ги подготват сите чамци за спасување, „за секој случај“.


Немаше потреба од напуштање на бродот, па тој пристигна во пристаништето Коб, во јужна Ирска, пред да тргне на своето прекуокеанско патување кон Њујорк. Некои од патниците, по излегувањето на ирско копно, признаа дека меѓу нив завладеал стравот дека патувањето „можеби го следи лоша среќа“ и е „проколнато да биде несреќно“.


„Балморал“ плови на спомен-крстарење за трагедијата што го снајде „Титаник“, најголемиот и најлуксузен брод на своето време кој потона на своето прво патување, од британското пристаниште Саутхемптон до Њујорк. Иако беше рекламиран како непотоплив, бродот потона за само три часа, по сударот со една голема санта мраз, предизвикувајќи смрт на 1.517 луѓе, патници и членови на екипажот.


На сегашново спомен крстарење тргнаа 1.309 патници, колку што имало и на „Титаник“ и тие на 14 април, нешто пред полноќ ќе оддржат пригодна миса во спомен на сите загинати, точно на позицијата на која потона бродот во 1912 година.


Меѓу патниците на сегашното спомен-крстарење има публицисти, историчари, луѓе опседанати од „Титаник“ и неговата судбина, како и потомци на жртвите и преживеаните.


Добар дел од нив се облечени во облеки налик на времето од пред сто години. Листата на јадење на „Балморал“ е идентична со онаа од „Титаник“, а на бродската палуба свири оркестар, како што тоа се случувало и во трагичната ноќ на 14 април 1912 година.


Цената за ова патување, по човек, чини од 2.700, до 6.000 фунти. 

No comments: