Изненадувањата во новата Формула 1 сезона продолжија и во квалификациите за Големата награда на Кина по кои имаме неочекуван возач и болид на пол-позицијата.
Станува збор за Нико Розберг од тимот на Мерцедес, кој оствари најдобро време од 1:35.121 минути и со тоа за половина секунда го остави зад себе Луис Хамилтон од Мекларен.
Сепак, треба да се напомене дека Британецот и покрај второто најдобро време нема да се најде во првиот ред на стартот на ГН на Кина. Причина за тоа е казната од пет позиции назад која ја доби изминатава недела.
Тоа значи дека веднаш до Розберг ќе стартува неговиот тимски колега и седумкратен светски шампион Михаел Шумахер, кој вози одлично овие два дена во Шангај.
Како трет ќе стартува возачот на Заубер, Камуи Кобајаши, зад него ќе стартуваат Кими Раиконен од Лотус, Џенсон Батон од Мекларен, Марк Вебер (Ред Бул), Хамилтон, Серхио Перез (Заубер), Фернандо Алонсо (Ферари) и Роман Грожан од Лотус.
Дури зад првите десет се наоѓа актуелниот шампион Себастијан Фетел од Ред Бул, што, заедно со поредокот на стартот, ветува возбудлива трка утре во 9 часот по наше време во Шангај.

No comments:
Post a Comment