Гитаристот на Металика, Кирк Хамет, во интервју зборува за претстојниот настап во Белград, односот на членовите во бендот, влијанието од Ајрон Мејден и разните подеми и падови на Металика.
Европската турнеја ја почнувате во источна Европа. Првиот концерт е во Прага, а потоа следи настапот во Белград. Зошто решивте токму Прага и Белград да бидат први на листата?
Знаеме дека имаме многу обожаватели во Белград, како и ширум источна Европа. Овој пат решивме да ја започнеме турнејата на тоа поднебје, а потоа полека да се движиме кон запад. Немаме никаква посебна стратегија, се трудиме да отсвириме еден куп концерти во сите делови на светот. Нормално, се трудиме да ги поврземе градовите во кои настапуваме така што ќе губиме помалку време на патување.
Во Белград се враќате после 8 години, каде во 2004-та вашиот настап на стадионот на Партизан беше оценет како најдобар концерт таа година. Кои се вашите впечатоци за тој концерт и дали е тоа една од причините за годинешната свирка?
Факт е дека тој дел од источна Европа не го обиколувавме често, а секогаш е исклучително интересно да се откриваат нови делови на светот. Нашиот претходен концерт во Белград беше исклучителен во секој поглед. Особено тоа што имавме прилика да прошетаме низ градот, да поразговараме со луѓето што нè сакаат, да ја запознаеме културата и да пробаме кулинарски специјалитети. Често свиревме во многу градови, на пример Париз, па дури Прага. Наспроти тоа, белградската свирка беше единствена и прилично кул.
Дали сте свесни за тоа дека на 8-ми мај на Ушќе Металика ќе обедини хеви метал фанови од целиот Балкан, и покрај граѓанските војни кои ја обележаа историјата на овој регион (на концертот ќе дојдат и многу фанови од Словенија и Хрватска)?
Прва работа која ми паѓа на памет е дека музиката претставува универзален јазик на мирот и може да ги поврзе луѓето и покрај политиката. Музиката и уметноста се над тоа, затоа што директно влегуваат во срцето и душата на луѓето. Мислам дека народот на Балканот е свесен за тоа и оние кои доаѓаат на нашите концерти ги оставаат на страна таквите работи и пуштаат да ги води срцето и душата. Многу сме среќни што токму ние можеме да им го понудиме тоа на луѓето и што тие се спремни да го направат тоа за нас.
Годинешната турнеја ја организирате по повод 20-годишнината од албумот Black. Дали е тоа потврда дека токму тој албум е најголемо остварување на бендот?
Зависи кого прашувате. Многумина ќе речат дека Master of Puppets е нашиот најдобар албум, или Black или Load. Албумот Black го свириме затоа што сакаме да понудиме нешто поинакво од повторувањето на истиот сет. На тој албум се наоѓаат три песни кои никогаш не сме ги свиреле. Ако на светот постои некој што билл на сите концерти на Металика во неговото место до сега и сака да чуе уште нешто, ќе го добие албумот Black во целост.



No comments:
Post a Comment