16 April 2012

Пандев се враќа во Интер


Горан Пандев нема да остане член на Наполи и во следната сезона откако управата на овој клуб донела одлука да ги откаже преговорите со Интер за целосно откупување на договорот што македонскиот ас го има со италијанскиот прволигаш.
Оваа информација денеска ја објави весникот „Ла Република Наполи“, повикувајќи се на извори од највисокото раководство на калчолигашот од Неапол, како главна причина посочувајќи го тренерот Валтер Мацари. Имено, шефот на стручниот штаб на „наполитанците“ не е премногу убеден дека може да најде место за Пандев во стартниот тим на Наполи, дури и во случај кога од Неапол би си заминале и Лавеци и Кавани.
Управата на „наполитанците“ е свесна дека ќе мора да го направи нашиот интернационалец еден од најдобро платените играчи во тимот, но во ситуација кога не е сигурно дали тој воопшто ќе биде првотимец јасно е зошто претседателот Де Лаурентис решил да ги откаже преговорите со Интер уште пред истите воопшто да почнат. Според последниот развој на настаните, Горан Пандев веднаш по завршувањето на сезонава ќе се врати во таборот на „нероаѕурите“, по што ќе чека Интер да се договори со некој од заинтересираните клубови за неговите услуги. Македонскиот капитен пред извесно време најави дека доколку не остане во Неапол, сака да се пресели во странство, наведувајќи ја Шпанија како своја омилена дестинација.
Ваквата желба на Пандев ја става екипата на Севилја во пол-позиција во трката по нашиот голгетер што сигурно ќе се интензивира во текот на летото. Шпанскиот прволигаш е подготвен да плати седум милиони евра, сума што Интер ја бара за македонскиот интернационалец, но останува да се види дали челниците на Севилја ќе се договорат со Пандев околу висината на платата, ако се знае дека нашиот ас заработува по 3,5 милиони евра по сезона според актуелниот договор со Интер.

Извор: Сител

No comments: