15 March 2012

Фонтаната на плоштат ќе проработи


Од општината Центар велат дека температурите веќе се зголемени и не постои опасност фонтаната да се оштети и да испука. 

Фонтаната "Победа" која со своите ефекти лани ги воодушевуваше скопјани повторно ќе блесне на плоштадот за две недели. Сега кога временските услови се подобри, жителите и посетителите на главниот град повторно ќе можат да уживаат во глетката и музиката од фонтаната. Од општината Центар го најавуваат пуштањето на фонтаната бидејќи, како што велат, температурите веќе се зголемени и не постои опасност таа да се оштети и да испука. Уште вчера можеше да се види како екипи ја чистеа фолијата со која е покриена фонтаната.
-Фонтаната "Победа" повторно ќе биде пуштена во функција многу наскоро, предвидено е на почетокот на април таа одново да го украси "Воинот на коњ", кој стана еден од главните симболи на Градот Скопје. За жал временските услови во зимскиот период не дозволуваат фонтаната да работи, па затоа бевме принудени да ја покриеме за да ја заштитиме од снегот и од ниските температури - вели Јовица Ацковски, портпарол на Општина Центар.

Скопјани со нетрпение чекаат повторно да го видат плоштадот по кој секојдневно поминуваат, надополнет со водните ефекти на фонтаната која им ги плени срцата и на најголемите скептици.
- Иако додека се најавуваше поставувањето на споменикот бев помалку скептична, сепак крајниот резултат навистина ми се допадна. Бев присутна на свеченото отворање на прославата и впечатокот беше комплетен, а глетката - величествена. Споменикот како да го исполни плоштадот кој претходно делуваше некако празно, а прскалките и водените завеси беа навистина интересни посебно за децата - вели Ивана Димитровска која ја сретнавме како се фотографира кај фонтаната и "Воинот на коњ".

На крајот на октомври минатата година фонтаната прво беше целосно испразнета и за да се спречи евентуално пукање на цевките, поради замрзнување на водата на температурите под нулата. Потоа беше превентивно конзервирана и покриена за да се заштити системот на водни ефекти и мозаикот под водата.

На 8-ми септември 2011 година фонтаната беше свечено пуштена во употреба и заедно со грандиозниот споменик "Воин на коњ" му дадоа живот на дотогаш празниот плоштад. Највисокиот споменик во централното градско подрачје надополнет од фонтаната уште на свеченото отворање на прославата на 20 години независна Македонија ги импресионираше присутните, и веднаш стана главна атракција и најпопуларно место за фотографирање на плоштадот. Фонтаната Победа го носи ова име во чест на големиот успех на Македонската кошаркарска репрезентација и освоеното четврто место на Европското првенство во Литванија. Таа со своите светлосни и звучни ефекти, како и водените игри совршено го надополнува и му дава динамика на 15 метри високиот воин, а за прв пат на граѓаните им понуди визуелно-музичко шоу од ваков вид.
Само за изградбата на фонтаната Градот Скопје издвои 4 милиони евра, која беше изработена во Фиренца исто како и споменикот "Воин на коњ".

No comments: