Потпретседателот на делегацијата на Европскиот Парламент за Југоисточна Европа, Јелко Кацин денеска во писмена изјава го осуди убиството на петте лица кај скопското село Смиљковци.

- Свирепото убиството на петтемина македонски граѓани мора да биде што побргу расветлено. Истражните и судските органи мораат својата работа да ја извршат ефикасно и темелно со што ќе се утврдат сите елементи. Неопходно е да се утврди кој е одговорен за ова страшно злосторство со што ќе се избегне атмосфера на несигурност и недоверба. Македонските лидери и државните органи мораат да направат се што ќе спречи избувнување на етнички судири, посочува Кацин.
Според него, ниту една етничка заедница нема врска со ова злодело. Убијците, како што наведува, имаат име и презиме и тие мораат да бидат идентификувани.
Тој ги поздрави досегашните напори на министерката Гордана Јанкулоска за истрагата да вроди со плод.
- Овој страшен злочин е трагичен потсетник колку напредокот во интеграцијата и членството во ЕУ и НАТО му се потребни на македонското општество. Меѓуетничките судири во Македонија никогаш повеќе не смеат да се повторат. Политичката и економската рамка на ЕУ би бил скапоцен и клучен придонес за стабилноста во Македонија и целиот Западен Балкан, истакнува Кацин.
No comments:
Post a Comment