Баерн Минхен славеше над Реал Мадрид со 2-1 во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, откако вечерва во многу интересен меч баварците дури во самиот финиш успеаја да си ја осигураат предноста од еден гол пред реваншот во Мадрид што ќе се одигра следната средба.

Марио Гомез уште еднаш беше херој на баварскиот гигант, постигнувајќи го победничкиот гол во 89. минута и предизвикувајќи еуфорија меѓу домашните навивачи на „Алијанц Арена“.
Со тоа, продолжи и црната традиција на најтрофејниот европски клуб кога станува збор за гостувањата во Минхен, ако се знае дека ова беше деветти пораз на Реал на десеттиот меч што го одигра во баварската престолнина.
Мечот почна со подобра игра на Реал Мадрид, при што „кралевите“ ја имаа и првата шанса на натпреварот кога Нојер одлично го одбрани ударот на Бензема.
Гостите од Мадрид го диктираа темпото само во првите десетина минути, по што избраниците на Јуп Хејнкес ја превзедоа контролата над средината од теренот.
Франк Рибери беше стрелец на водечкиот погодок за Баерн, откако францускиот интернационалец одлично се снајде по еден корнер од левата страна и со силен удар го совлада Икер Касилјас.
Реал Мадрид создаде неколку полу-шанси до крајот на првото полувреме, но не успеа посериозно да го загрози голот на Мануел Нојер.
Мора да се истакне одличната одбрана на баварците врз Кристијано Роналдо, со што на португалскиот интернационалец не му беше овозможено да влезе во својот препознатлив ритам.
Сепак, Роналдо учествуваше во акцијата при израмнувачкиот гол за Реал кога најпрвин од зицер-ситуација го погоди Нојер, за неколку секунди подоцна да му асистира на Озил, кој од непосредба близина ја смести топката во мрежата на домаќините.
Ваквиот резултат дефинитивно им одговараше на гостите од Мадрид, што беше причина Баерн да тргне во офанзива во последните дваесетина минути.
Марио Гомез најпрвин промаши две шанси, но беше на висина на задачата во третиот обид, кога со гол го круниса одличниот продор и асистенција на капитенот Филип Лам од десната страна.
За одбележување е и грубата игра од страна на двата тима, поради што главниот судија Хауард Веб покажа дури девет жолти картони, три за фудбалерите на Баерн и дури шест за гостите од Мадрид.
Извор: Сител
No comments:
Post a Comment