13 April 2012

МВР: Да се смират страстите за петкратното убиство


Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се трага по сторителите на петкратното убиство кое се случи во атарот на селото Смиљковци и апелира да се смират страстите, медиумите да се воздржат од шпекулации и да не се подгреваат меѓуетнички тензии. 

Портпаролот на МВР Иво Котевски нагласи дека во моментов кружат голем број на шпекулации и апелира медиумите да се воздржат од непроверени информации за да не се создаваат меѓуетнички тензии.
МВР изразува длабоко сочуство до семејствата на убиените.
Оттаму информираат дека е формиран Оперативен штаб составен од највисоките старешини од повеќе организациони единици чија задача е да ги координира мерките и активностите коишто се превземаат за целосно расчистување на грозоморното убиство во атарот на село Смиљковци.

По наредба на надлежен Истражен судија утринава телата на петтемина убиени беа префрлени во Институтот за судска медицина и се уште се очекува наводот од обдуцентите, како и финална потврда на идентитетот на починатите.
Според првичните сознанија, вчера околу 22,30 часот, од страна на рибари во близина на езерото кај село Смиљковци - скопско, пронајдени беа пет мртви лица.
На лице местото забележани се чаури од огнено оружје, траги од крв, а на телата имале видливи прострелни рани. За настанот беа известени Истражен судија и Јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите се предадени за обдукција.
МВР интензивно трага по сторителите и по утврдување на мотивите за убиството.    
Во моментов се уште трае увидот на поширокото подрачје околу местото каде што се случи убиството, а исто така оперативно се прибираат информации и сознанија во околните места.
МВР апелира доколку кој било граѓанин има каква било информација во врска со настанот истата да ја пријави во полиција. 

No comments: