01 April 2012

Објавен конкурс за упис во средните училишта



Во јавните средни училишта во земјава, според објавениот Конкурс, во наредната учебна 2012/2013 има 34.791 слободно место.

upisi
Како што соопшти Министерството за образование и наука обезбедни се доволен број слободни места, бидејќи во учебната  2011/2012 година има вкупно 23.922 осмооделенци, а согласно измените на Законот за средно образование, тоа е задолжително од учебната 2008/2009 година.
Комисијата за запишување на ученици во прва година во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2012/2013 година, врз основа на податоците за уписот во претходните години, утврди дека интересот на учениците за упис во помалку атрактивните струки се намалува секоја година, посебно во техничките струки и од таа причина  заклучи дека е потребно намалување на бодовите кај повеќето од струките со цел да им се овозможи полесно  запишување на учениците, но и нивно останување во струката, односно избраниот профил што е многу важен момент за голем број средни стручни училишта.
Бројот на поени за запишување во средно училиште останува ист за гимназиско образование, здравствена струка, економско, правна и трговска струка, сообраќајна струка и за образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги.
Бројот на поени е намален за 5, за сите профили во електротехничка струка, а за останатите е намален на 45 поени. За образовните профили во тригодишно траење бројот на поени остана ист и изнесува 30 поени.
Во СОЕУ „Кузман Јосифовски – Питу“ во Прилеп се воведува нов профил банкарски техничар во  економско, правна и трговска струка, и во СОУ „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод се воведува нов профил угостителски техничар за рурален туризам во угостителско – туристичка струка.
Од учебната 2012/2013 година во Државното училиште за физичка култура “Методија Митевски Брицо” во Скопје ќе се реализира експерименталната наставна програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис. Потребните документи и сите други дополнителни информации ќе бидат објавени на огласната табла во училиштето.
Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока.  
Првиот е во јуни кој ќе има две пријавувања и тоа на 14 и 15 јуни и на 27 и 28 јуни. Резултатите од запишувањето и слободните места од првото пријавување ќе се објават на 18 јуни, додекаод второто пријавување на 29 јуни 2012 година.
Вториот уписен рок е август со едно пријавување кое ќе се врши на 16 август 2012 година, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 17 август 2011 година.
Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на  21 јуни 2012 година, а резултатите ќе се објават на 22 јуни 2012 година.
Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.
Пријавувањето за програмата Меѓународна матура во Гимназијата “Јосип Броз Тито” се врши  од 15 до 21 мај 2012 година.
Во однос на намалувањето на поените во второто пријавување во првиот уписен рок и вториот уписен рок, комисијата го утврди дека училиштата за второто пријавување во првиот уписен рок можат да го намалат утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот, за најмногу 5 поени.
Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс продолжуваат со запишување на учениците до 31 август 2012 година.

No comments: