Македонскиот капитен Кире Лазаров на денешната прес-конференција изјави дека кај него владее голем оптимизам и смета дека во понеделник ќе слави цела Македонија.

Македонскиот капитен Кире Лазаров покажа дека и надвор од теренот е капитен на националниот ракометен тим. Малку на шега, но сепак со доза вистина, најдобриот македонски ракометар порача дека нема потреба од страв од противниците на квалификацискиот турнир во Гетеборг.
Кај голманот Борко Ристовски се чувствуваше доза резервираност во неговите изјави околу противниците, а веднаш потоа Лазаров се пошегува дека еден министер за одбрана не смее да се плаши.
-Не ми се допаѓа што министерот за одбрана е исплашен. Не смее еден министер за одбрана да биде исплашен доколку сакаме да се пласираме на Олимписките игри...Се разбира се шегувам, изјави Кире Лазаров кој потоа сериозно се осврна на очекувањата,
-Јас сум горд што сум капитен на овој состав кој ќе биде првиот во ракометната историја кој ќе игра квалификации за пласман на Олимписки игри. Многу тешко се стигнува до една ваква ситуација, треба многу труд и работа. Ние први ги почнавме подготовките за ЕП во Србија, што значи дека бевме физички подготвени што секако се виде. Сега имаме помалку време за подготовки, но долго време играме заедно и добро се познаваме. Имаме шанси за пласман на Олимписките игри, впрочем јас веќе имам чувствто дека веќе сме во Лондон, изјави македонскиот капитен.
Лазаров на крајот потенцираше дека националниот дрес е светост и тој секогаш ќе биде тука за да одговори на потребите на македонската ракометна репрезентација.
No comments:
Post a Comment